Колку авиокомпании пропаднаа поради пандемијата

20

Работата на авиокомпаниите е под притисок веќе неколку години, но пандемијата на коронавирусот годинава предизвика дополнителен товар.

Иако силната државна финансиска поддршка спречи да банкротираат некои од најголемите авиокомпании во светот, како што е германската Lufthansa, во наредните месеци може да се очекува бран банкроти во овој сектор, истакнуваат аналитичарите за воздушен транспорт за CNBC.

Податоците на компанијата за обработка на податоци Cirium покажуваат дека од јануари годинава, 43 комерцијални авиокомпании прогласиле банкрот.

За споредба, минатата година банкротирале 46, а во 2018 година 56 компании. Поголемите авиопревозници потешко преживуваат. Имено, од 43 банкротирани, 20 имале повеќе од 10 авиони во својата флота.

Меѓународната асоцијација за воздушен превоз (IATA) неделава објави дека превозниците ќе изгубат 77 милијарди долари во втората половина на годината, а во 2021 година ќе губат меѓу пет и шест милијарди долари месечно.

Доказ за лошата ситуација во оваа индустрија е и веста дека британскиот нискобуџетен авиопревозник EasyJet  предупреди дека годинава може да ја забележи својата прва загуба од основањето во 1995 година. Компанијата очекува минус до 1,1 милијарда долари.

Поради ограничувањата на патувањата поради коронавирусот, EasyJet има ангажирано само 25% од својот капацитет. За да ја преживее пандемијата, компанијата досега има земено 600 милиони фунти државна помош, отпушти 4.500 вработени, собра 608 милиони фунти од продажбата на авионите и доби 419 милиони фунти за докапитализација од акционерите.

Фото: Pixabay