Колку е опасна вештачката интелигенција?

46

Технолошките достигнувања земаат сè поголем замав денес, а тоа не е исклучок и со можеби најмоќното технолошко “оружје“ досега – вештачката интелигенција.

Во самата суштина на значењето, вештачката интелигенција (ВИ) се поврзува со правење на машини што ќе можат да размислуваат и да реагираат интелигентно, односно како човекот.

ВИ помага за многу работи и го олеснува секоjдневнието. На пример, возењето во автомобилите е побезбедно благодарение токму на оваа технологија. Таа се користи и во медицината за одредување на прецизни дијагнози и помага во решавање на низа проблеми.

Исто така, вештачката интелигенција се користи во алгоритми за онлајн пребарување, за детектирање на лица за разни потребни и слично.

Според експертите, крајната цел на оваа технологија е да се создадат паметни системи коишто ќе можат да ги вршат истите интелигентни работи како и луѓето.

Иако може многу да помогне, ВИ доколку падне во погрешни раце може да направи и огромна штета.

Една од најголемите грижи за вештачката интелигенција е дека би можела да развие сопствена свест, односно да одлучува автономно. Но, кога и дали тоа би се случило сè уште не може да се претпостави.

Исто така, ВИ би можела да шири и социјални пропаганди на индивидуалци детектирани преку алгоритми и лични податоци. На овој начин можно е да се шири било каква информација и содржина, факт или измислица, без луѓето да бидат свесни за тоа.

Денес камерите се насекаде, а алгоритмите за препознавање на лице можат да следат сечиј чекор, односно да препознаат секого. Вештачката интелигенција би можела да анализира што секоја личност прави онлајн, а со тоа приватноста да биде загрозена.

Доколку оваа технологија стане толку моќна или падне во лоши раце, на многу начини може да се искористи негативно.

Затоа, од огромно значење е како луѓето манипулираат со толку моќна алатка. Дали ќе развие сопствена свест или не, тоа не може да се знае, но додека човекот ја раководи, од него зависи дали ќе ја искористи за добри цели или (не) случајно ќе дозволи да биде употребена против сопствената раса.

Фото: Pexels