Колку ќе заработи Франција од Олимписките игри?

161

Трошоците за организирање на Олимписките игри во Париз достигнаа речиси девет милијарди евра, но организаторите немаат јасни пресметки за економските ефекти за Франција, која е домаќин на ова најголемо спортско натпреварување во светот. Во отсуство на официјални информации за приходите, Универзитетот во Лимож, објави дека Олимписките игри ќе донесат приходи од 6,7 милијарди до 11,1 милијарди евра, но тоа е очекуван приход кој би се остварил во наредните 20 години! Побрз поврат на инвестициите Франција може да оствари со собирање на таксите и надоместоците. Консултантската куќа „Астерес“ проценува дека овие приходи би изнесувале 5,3 милијради евра, пишува во текстот објавен во „Бизнис и финансии“.

Сепак, овие финансиски прогнози треба да се земат со резерва, поради претходното искуство на организаторите на Олимписките игри, чии трошоци ги надминувале почетно проектираните инвестиции. На пример, Грција потрошила двапати повеќе од планираниот буџет за организирање на спортската манифестација во 2004 година. На крајот, одржувањето на Олимписките игри Грција ја чинеше 11 милијарди долари, што претставуваше пет отсто од државниот буџет. Но, ако се додадат и другите дополнителни трошоци, за целата организација се потрошени 15 милијарди долари.

Во случајот со Франција, само градежните работи беа проценети на 2,4 милијарди евра, но државниот ревизор утврди дека оваа ставка пораснала на пет милијарди евра! Гувернерот на француската централна банка изјави дека Олимписките игри  ќе имаат „повеќе психолошки отколку економски ефекти“ за земјата и тоа ќе го зголеми угледот на Франција во светот, со што би се привлекле нови инвестиции.

Статистичарите нудат поконкретни податоци за приходите од туристичките посети за време на одржувањето на Игрите и тие очекуваат 15 милиони гости. Од нив два милиони гости ќе бидат од странство, кои би обезбедиле приходи од 3,6 милијарди евра.

Очекувањата за вкупната француска економија би биле слични како и за другите земји кои ги организирале Олимписките игри. Според истражувањата, државите бележеле раст на даночните оптоварувања, низок поврат на јавните инвестиции, високите градежни трошоци и големи расходи за одржување на спортските и другите објекти по завршувањето на натпреварувањето.

Од друга страна, локалното население во текот на одржувањето на натпреварите ќе се соочи со неподнослив метеж во градовите, зголемено загадување и криминал… Ова ќе биде проследено со пораст на цените на производите и услугите.  Во однос на очекувањата за прилив на странски гости и зголемување на ноќевањата, досегашната статистика по одржаните Олимписки игри не им дава оптимизам за организаторите. Само Олимписките игри во Кина во 2008 година имале значајно зголемување на туристичките посети.  За другите земји не може да се каже дека спортските игри им донеле туристички процват, пишува во анализата на „Бизнис и финансии“.