Екстремната сиромаштија, за жал, не се искоренува иако живееме во ера на дигитализација, висока технологија, безброј достигнувања што ни го менуваат животот.
Според податоците, Сомалија е земја лидер по екстремно сиромашно население. Од популација 15 милиони жители, 99,20% од нив, живеат со помалку од два долари дневно. На врвот на оваа неславна листа се и: Централна Африканска Република (од 4,6 милиони жители – 80% се екстремно сиромашни), Бурунди (од 11 милиони жители во екстремна сиромаштија живеат 77%), Северна Кореја (70% од 25 милиони жители живеат со помалку од два долари дневно) и Мадагаскар (26 милиони жители е вкупната популација, а 69% од жителите живеат во голема сиромаштија).
Нашата земја, за жал, е дел од оваа статистика, којашто покажува дека од два милиони жители, скоро 3% живеат во екстремна сиромаштија, односно на располагање имаат помалку од два долари дневно.
Од земјите во регионот, во Грција 1% од 10 милиони жители живеат во сиромаштија, во Србија тој процент е 0,98% од вкупното население што брои скоро седум милиони жители. Бугарија е земја со седум милиони жители од кои 0,76% живеат со помалку од два долари дневно, во Хрватска од четири милиони жители, 0,48% се екстремно сиромашни, во Албанија, пак, 0,35% од вкупното население (2,8 милиони жители) живее во екстремна сиромаштија. Во Црна Гора 0,34% од околу 622 илјади жители живеат со помалку од два долари дневно.
Фото: Pixabay