Колку милијарди долари однесе Сенди?

56

Ветер, дожд, снег и бранови го погодија брегот на САД во ширина од 1.600 километри, а ефектите од бурата Сенди ги почувствуваа жителите на 17 сојузни држави. Зад себе остави урнатини, поплави и милиони луѓе во мрак. Се уште нема официјални процени, но се претпоставува дека Сенди ќе ја чини американската економија најмалку 20 милијарди долари.

Некои извори одат и до износ од 100 милијарди, а професор од Универзитетот Мериленд ја споредува Сенди со ураганот Ајрин и е уверен дека штетата ќе биде најмалку 45 милијарди долари.

Аналитичарите на Мудис проценуваат дека секој ден блокада на Њујорк и Вашингтон значи загуба од 10 милијарди. Се претпоставува дека авиокомпаниите секој ден губат преку 10 милиони долари поради илјадниците откажани летови. Вкупната загуба во таа гранка би можела да биде и до 450 милиони долари.

Сепак, економистите предвидуваат дека негативниот ефект ќе биде краткорочен. Негативниот ефект од затворањето на различни бизниси ќе биде надминат со реализација на градежни активности за реконструкција на разурнатите области. Бројот на уништени домови ќе го заживее градежниот сектор и ќе му “впумпа” десетици милијарди долари.

Истото се случи со ураганот Катрина, кој го уништи Њу Орлеанс, но немаше подолгорочен ефект врз националната економија.