Колку ни е важен човечкиот капитал?

127

Единствено човечкиот капитал нема вредност што може да се изрази во пари, бидејќи вреди многу повеќе од тоа. Благодарение на инвестиции во здравството и образованието, се вложува во здрави идни генерации кои треба да се развијат во продуктивни возрасни личности, се наведува во Извештајот за индексот на човечкиот капитал (Human Capital Index – HCI), со којшто Светска банка го мери нивото на човечки капитал во светот.

Овој индекс во земјава е 0,56, што е најниско од земјите во регионот: Косово (0,57), Бугарија (0,61), Албанија (0,63), Србија (0,68), Грција (0,69) и Хрватска (0,71).

Анализирано според овој индекс, во светот, највисоко котираат: Сингапур, Хонгконг, Јапонија, Јужна Кореја и Канада. Од друга страна, на дното, се најдоа: Централна Африканска Република, Чад, Јужен Судан, Нигер и Мали.

Во извештајот се наведува дека поради пандемијата, загрозен е досегашниот напредок во земјите од Европа и централна Азија.

Од 48 земи во Европа и централна Азија, опфатени со овој извештај, 33 се наоѓаат меѓу третината најуспешни земји во светот, додека скоро сите се во горната половина од листата.

Во изминатите 10 години, стапката на смртност е значително намалена, при што Азербејџан, Казахстан и Турција имаат најголем пад на смртноста меѓу децата. Значително е намалена стапката на потхранетост и заостанување во развојот на децата, особено во Албанија, Азербејџан, Македонија и Турција.

Инаку, индексот на човечки капитал на Светска банка го мери развојот на децата од раѓање до 18-тата година, преку клучни показатели, како што се стапка на преживување на деца (од раѓање до петта година); очекувани години во основно и средно образование; неухранетост и заостанување во развојот на децата и стапка на преживување на возрасните. HCI е клучно мерило на состојбата пред пандемијата што може да се користи за изработка на здравствени и образовни политики и планирање на инвестиции по пандемијата.

Фото: Freepik