Колку работиме за полн резервоар – каде има најевтино гориво во регионот

166

Иако цената на горивото се зголемува и на глобалниот и на регионалниот пазар во последните неколку месеци, пресметката покажува дека постои голема разлика помеѓу земјите во регионот кога станува збор за односот на платите и парите што треба да се издвојат за полнење на резервоарот.

Во Македонија со просечна плата од 458 евра, полн резервоар  чини 55,5 евра и нешто повеќе од 21 час работа. Бидејќи просечната плата во Црна Гора е 529 евра, а потребни се 65,5 евра за 50 литри бензин, тоа значи дека Црногорците треба да работат скоро 22 часа. За 50 литри бензин, што е просечен капацитет на резервоарот во автомобилите, граѓаните на Србија треба да платат 65,6 евра, а оние што возат дизели нешто повеќе од 67 евра. Со просечна плата од 555 евра и осумчасовно работно време, тие заработуваат 3,1 евра на час, што значи дека им требаат 21 час работа за полн резервоар, или нешто повеќе од два и пол работни дена, пишува Блиц. Ако користат дизел, ќе им требаат половина час повеќе. 

Возачите во Босна и Херцеговина мораат да работат малку пократко, бидејќи просечната плата во оваа земја е 504 евра, но и бензинот е поевтин, па за полн резервоар се потребни околу 51 евро. Ова значи дека за 50 литри гориво, граѓаните во БиХ работат нешто помалку од 18 часа.

Горивото во Хрватска е најскапо меѓу земјите од поранешна Југославија, затоа се потребни 70 евра за да се наполни гориво “до врвот“ во оваа земја. Сепак, со просечна плата од околу 950 евра, хрватските возачи можат да ги наполнат своите автомобили за помалку од 13 часа работа, или нешто повеќе од еден и пол работни дена.

Во оваа пресметка најдобро поминуваат граѓаните на Словенија, кои имаат највисоки просечни плати – околу 1.290 евра, па за полн резервоар што ги чини 59,85 евра, треба да поминат околу 8,2 часа на работа, односно еден работен ден.

Најевтиното гориво во БиХ

Најевтиното гориво во регионот точат возачите во Босна и Херцеговина, каде литар бензин чини 1,02 евра, а дизелот 0,97 евра. Дизелот во Македонија чини 0,99 евра, додека безоловниот бензин е нешто поскап и чини 1,11 евра. Во Хрватска горивото благо расте, па литар бензин порасна на 1,40 евра, а дизелот на 1,36 евра, додека во Словенија бензинот чини 1,19 евра, а дизелот 1,24. Бензинот во Црна Гора чини 1,31 евро за литар, додека дизелот е 1,16 евра. Во Србија бензинот чини 1,36 евра, а дизелот 1,40 евра.

Фото: Pixabay