Колку сајбер криминалот е сериозна закана за бизнисите

27

Сè почесто слушаме дека некоја компанија, конгломерат, држава или организација била цел на некој вид сајбер напад. Покрај оневозможувањето на системите ефикасно да ја вршат својата работа и во многу случаи целосно запирање и нарушување на работата на другите поврзани компании, хакерите со овие напади успеваат да изнудат зачудувачки големи количини на пари.

Бидејќи самите напади стануваат се почести и поинтензивни, во годишното истражување за најголемите деловни ризици спроведено од Allianz, сајбер инциденти се искачија на третото место и според нивните податоци, изминатата година дена тие ја чинеле светската економија над една милијарда долари, што е за 50% повеќе од пред две години.

Покрај паричната штета што ја оставаат зад себе овие напади, тие исто така во ризик ги ставаат корисници на услугите што ги нудат овие компании, пред сè со протекување на податоци што напаѓачите ги добиваат на овој начин. Се крадат телефонски броеви, локации, датуми на раѓање, е-пошта, статуси итн. Податоците понатаму се продаваат преку “темната страна на Интернетот“ на кој знае на кого и за којзнае колку.

Во саботата нападната Kaseya

Сајбер криминалците ја нападнаа американската компанија Kaseya во саботата, а во овој случај добро е илустрирана ширината на последиците од овој и сличните напади. Бидејќи оваа компанија има илјадници клиенти ширум светот кои го користат нејзиниот софтвер, нападот на хакерската група REvil се почувствува на една сосема поинаква страна на светот од онаа каде што беше извршен нападот. Последица на овој напад беше прекинување на работата на стотици компјутерски системи на клиенти на Kaseya. На пример, околу 800 продавници од шведскиот ланец Coop во Шведска мораа да ја прекинат работата во саботата. Хакерската група во моментов бара 70 милиони долари за да ги ослободи системот и податоците на Kaseya.

Напад на Volkswagen во јуни

Повеќе од три милиони луѓе во САД и десетици илјади клиенти во Канада станаа жртви на кражба на податоци од страна на хакери кои го компромитираа системот на надворешен партнер на групацијата Volkswagen.

Групацијата Volkswagen соопшти дека нивната подружница во САД, која собирала податоци за клиенти за маркетинг и продажба преку Интернет, била жртва на хакерски напад, а анонимни хакери украле податоци од повеќе од 3,3 милиони луѓе од нивниот систем.

Тоа се податоци што вклучуваат имиња, телефонски броеви, е-пошта и адреси на живеење, а во голем број случаи и VIN (Vehicle Identification Number) броевите на нивните автомобили, како и броевите на возачката дозвола и броевите за социјално осигурување, кои се особено чувствителни податоци во САД.

Жртва и најголемиот преработувач на месо во светот

Најголемата светска компанија за преработка на месо, JBS, беше мета на софистициран сајбер напад во мај, поради што нејзините погони во Австралија, САД и Канада беа привремено затворени.

Бидејќи во тоа време беа нападнати компјутерските мрежи на JBS, тоа ја наруши работата на илјадници работници. Како што се шпекулираше, нападот го извршила  групата REvil. Иако во тоа време се зборуваше за недостиг и зголемување на цените, тоа не се случи, но на 10 јуни, JBS објави дека на хакерите им исплатила 11 милиони долари во биткоин, најпознатата криптовалута во светот.

Colonial Pipeline

Најголемиот нафтовод во САД, Colonial Pipeline плати скоро пет милиони долари на источноевропски хакери по тешкиот кибернетички напад што ја исклучи најголемата мрежа на нафтоводот во САД.

Компанијата платила откуп со криптовалута на којашто не може да ѝ се влезе во трага неколку часа по нападот.

Во април податоци од LinkedIn и Facebook

Деловната социјална мрежа LinkedIn, беше жртва на масовно протекување податоци во април, при што беа хакирани податоци со околу 500 милиони профили на корисници, објави порталот cibernews.com. Податоците вклучуваa кориснички адреси за е-пошта, телефонски броеви, информации за работа, полни имиња, пол на корисници и слично. Неколку дена пред протекувањето на податоците од LinkedIn, на Интернет се појавија личните податоци на над половина милијарда корисници на Facebook.

Фото: Freepik