Членките на Г7 најбогати земји на светот треба да издвојат 10.000 милијарди долари за да го зголемат закрепнувањето, кое ќе се фокусира на вакцинациите против Ковид-19 и енергетската транзиција, покажало најновото истражување.
Г7 е основан во 1975 година како форум на најбогатите западни земји, каде се дискутира за кризи како нафтеното ембарго на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК).
Агендата за самитот закажан за 11-13 јуни во Корнвол открива нови закани, како што смета Г7, вклучувајќи ги Кина, Русија, климатските промени и пандемијата на коронавирус.
Домаќин на самитот е британскиот премиер Борис Џонсон, бидејќи во моментот Велика Британија е претседавач на групата, а во Корнвол се очекува да пристигне и американскиот претседател Џо Бајден.
Во пресрет на самитот, Џонсон побарал истражување за приоритетите на групата, а неговиот автор, Николас Штерн, кој е професор на Лондонското училиште за економија, рече дека Г7 како форум е клучна можност за најбогатите економии на Западот да направат вистинска разлика.
“Транзицијата кон климатски отпорен свет без емисии на штетни гасови е најголемата економска, деловна и комерцијална можност на нашето време“, рече Штерн во извештајот. Во срцето на предложената визија за економски одговор на пандемијата е координирана глобална програма за инвестиции во закрепнување, реконструкција и трансформација што ќе ги мобилизира сите форми на капитал – физички, човечки, природен и социјален“, нотира Штерн.
Земјите од Г7, смета Штерн, треба да постават заедничка цел во оваа деценија и пошироко, и да ги зголемат годишните инвестиции за два проценти од БДП во споредба со нивоата на пандемијата и да го подобрат квалитетот на инвестициите, посочил тој.
Тоа би значело дека инвестициите треба да се зголемат за дополнителни околу еден трилион долари годишно во текот на следните десет години.
Лидерите на Г7 исто така треба да обезбедат дека луѓето ширум светот се рамномерно вакцинирани и веднаш да ги обезбедат преостанатите 20 милијарди долари за COVAX, глобална програма за набавка на вакцини за сиромашните земји.
Г7 треба да се посвети на елиминирање на сите субвенции за фосилни горива најдоцна до 2025 година и да заземе водечка улога во сеопфатната енергетска транзиција и треба да размисли за воведување минимален глобален корпоративен данок од 21%, предлага Штерн.
Фото: Pixabay











