Колку вработени има во Народна банка?

151

На крајот од 2020 година, бројот на работници во Народната банка изнесува 434 и се бележи негово намалување во однос на крајот на 2019 година (440 вработени). Согласно со тоа, се забележува и мала промена во половата структура на работниците во Народната банка во однос на претходната година. Имено, женската популација во 2020 година изнесува 57,6%, а машката популација 42,4% од вкупните вработени, наспроти 58,3% на женската популација, односно 41,7% на машката популација во 2019 година.

Од аспект на квалификациската структура, највисоко учество од 43,6% бележат работниците со високо образование (четиригодишни студии), а потоа следат работниците со магистерски студии со 22%. Во однос на старосната структура, просечната старост на работниците во 2020 година изнесува 44,8 години, наспроти просечната старост од 44,2 години, во 2019 година.

Процесите на стручното усовршување, годишното оценување на успешноста во работењето и наградувањето, се процеси коишто Народната банка ги применува со цел да делува врз професионалниот развој на работниците и нивната кариера. И оваа година беа спроведени советувања на ниво на организациските единици (оваа година виртуелно), поврзани со начинот на спроведувањето на процесот на оценување на успешноста во работењето, предизвиците со кои се соочуваат оценувачите, препораките на оценувачите во врска со процесот на оценување, како и поврзаноста помеѓу процесот на оценувањето и постигнувањето ангажираност кај работниците. Народната банка постојано инвестира во стручното усовршување на работниците, заради исполнување на стратегиските цели, мисијата и визијата на институцијата. Во текот на 2020 година се остварени вкупно 443 стручни оспособувања во земјата и во странство.

Во однос на претходната 2019 година, може да се забележи дека вкупните стручни оспособувања во 2020 година бележат малку повеќе од двојно зголемување, што во најголема мера се должи на нивниот начин на организација. Заради приспособување кон новите услови на функционирање, како одговор на пандемијата, организаторите на стручното усовршување значителен дел од настаните предвидени да се одржат со физичко присуство, ги изведоа во виртуелен формат, што создаде простор за поголем број учесници.

Притоа, стручните оспособувања организирани и од страна на странски и од домашни организатори забележале двојно зголемување во 2020 година во однос на претходната 2019 година. Притоа, во вкупните 443 остварени стручни оспособувања се вбројуваат е-курсеви, семинари, работилници, вебинари (вкупно 128 остварени вебинари во земјата и во странство).

Истовремено, и бројот на работници коишто посетиле стручно оспособување, во 2020 година, бележи пораст за 19,3%, во споредба со претходната 2019 година. Зголемувањето на бројот на работници коишто посетиле стручно оспособување се должи на зголемениот број стручни усовршувања, како и на учеството на повеќе работници на ист виртуелен настан. Главните надворешни организатори на стручните оспособувања се европските централни банки, Меѓународниот монетарен фонд во соработка со Здружениот институт на Виена, Банката за меѓународни порамнувања, со кои Народната банка интензивно соработува преку програмите за меѓусебна соработка.

Исто така, значителен број стручни оспособувања се остварени во рамките на проектите финансирани од претпристапните фондови на Европската Унија. Како главни организатори на стручните оспособувања во земјата се јавуваат домашните центри за едукација, од областа на заштитата на личните податоци и промената на законските регулативи, во доменот на работата на Народната банка.

Покрај ова, заради ширење на знаењето и искористување на внатрешниот човечки капацитет заради зајакнување и унапредување на дигиталните вештини на работниците, во 2020 година во Народната банка беа спроведени и специjализирани еобуки, со интерен предавач, што ќе продолжи како практика и во 2021 година.

Фото: Pixabay