Колку заработи банкарскиот сектор во регионот?

22

Банките во Македонија минатата година успеаја да заработат 136 милиони евра, што е за 30 милиони евра повеќе од добивката што ја остварија во 2017 година. Ова претставува рекордна добивка на банкарскиот систем во земјата, стои во анализата на босански Индикатор.

Банките во земјава евидентираа скоро 430 милиони евра само на камати и надоместоци од граѓаните и компаниите. Најголема добивка има Стопанска банка, којашто минатата година ја заврши со 44,5 милиони евра, односно 11 милиони евра повеќе во споредба со 2017 година.

Банките во Словенија минатата 2018 година ја завршија со добивка од 496,3 милиони евра, што е за 16,8% повеќе во споредба со 2017 година. Тоа е најголема добивка пред оданочување по 2007 година, кога беше на ниво од 512 милиони евра. Добивката пред оданочување порасна за 20% на 531,8 милиони евра. NLB Grupa е водечка на пазарот во 2018 година со 203,6 милиони евра чиста добивка. Словенечкиот банкарски сектор денес изгледа многу подобро во однос на 2013 година, кога загубата достигна 3,44 милијарди евра, на крајот на таа година беше потребна голема санација на државната NLB Banka.

Банките во Хрватска за минатата година прикажаа добивка пред оданочување во износ од 760,7 милиони евра, што е за околу 202 милиони евра повеќе во споредба со 2017 година. Податоците покажуваат дека банките во 2018 година имаа 35,9% поголема бруто добивка во споредба со 2017 година, кога таа изнесуваше 559,8 милиони евра. На тој пораст на добивката, најголемо влијание има намалениот ризик поврзан со Агрокор и неговите поврзани фирми. Најголемата бруто добивка во Хрватска минатата година ја имаше Загрепска банка со 283,2 милиони евра, што е двојно повеќе во однос на 2017 година.

Банкарскиот систем на Црна Гора, што е составен од 15 банки, минатата година оствари профит поголем од 52 милиони евра. Најголем профит од 10,6 милиони евра оствари Societe General bank Montenegro, додека рекордна загуба забележа Атлас банка што заврши во минус од 16,43 милиони евра.