Со успешна наградна игра и хуманитарна акција, деновиве се одбележаа 20 години од соработката меѓу Комерцијална банка АД Скопје и MasterCard Worldwide, стои во соопштението објавено на интернет страната на банката.
Партнерството започна во 1994 година, кога беше потпишан договорот за лиценца со што Комерцијална банка АД Скопје стана прва банка во Република Македонија којашто започна соработка со високо развиена меѓународна финансиска институција. Веќе на 18.12.1995 година соработката резултираше со издавање на првата платежна картичка од меѓународно лиценциран бренд MasterCard Worldwide.
Првиот банкомат и првиот POS терминал во Република Македонија, на коишто се прифаќаа сите картички од програмата на MasterCard, беа поставени во февруари 1996 година. Довербата и соработката растеа и во 1999 година резултираа со издавање на првата бизнис картичка од програмата на MasterCard за клиент на Комерцијална банка, со што се отворија нови можности за бизнис заедницата во Република Македонија.
Во годините што следуваа Комерцијална банка силно се развиваше техничко – технолошки, а како резултат на тоа во 2007 година беше издадена првата кобрендирана MasterCard картичка во Република Македонија. Во светот и во Република Македонија растеа потребите од зголемена безбедност и сигурност во меѓународните трансакции, па така во 2012 година Комерцијална банка почна со издавање на картички со чип од програмата на MasterCard Worldwide.
Со процесот на глобализација потребите на граѓаните и на компаниите во Република Македонија стануваа универзални, па така Комерцијална банка во 2103 година ја издаде првата Платинска картичка (Platinum MasterCard). Во 2014 година, пак, ги заврши сите сертификациони процедури за овозможување на бесконтактните (PayPass) терминали и картички од програмата на MasterCard. Од 2015 година Комерцијална банка работи на целосна замена на мрежата на POS терминали и картички заради омасовување на бесконтактните плаќања како дел од глобалната тенденција на MasterCard.
Денес, Комерцијална банка АД Скопје е најголем партнер на MasterCard во Република Македонија. Со сопствена мрежа од преку 7.500 продажни места со POS терминали и 159 банкомати, Банката нуди 15 различни производи за правните и физичките лица од сферата на платежните картички.