Комерцијална банка постави траки – водичи за лица со оштетен вид

21

komercijalna banka

Комерцијална банка во експозитурата Расадник во Кисела Вода, по повод Денот на слепите лица 15-ти октомври, постави траки – водичи за лица со оштетен вид.

Со овие траки лицата со делумно или целосно оштетен вид, како што се наведува, ќе можат побрзо и целосно самостојно да ги извршуваат своите обврски во оваа експозитура на банката.

“Од досегашната соработка меѓу Комерцијална банка и Националниот сојуз на слепи и слабовидни лица произлегоа низа проекти со чија имплементација слепите и слабовидните лица се во можност поефикасно да ги завршуваат своите потреби како во просториите на банката, така и преку електронското банкарство. Траките водичи се уште еден чекор кон создавање услови за целосна интеграција на слепите лица и нивно рамноправно и самостојно учество во секојдневното извршување на обврските“, стои во соопштението на банката.

Комерцијална банка планира поставување на траки – водичи уште во неколку свои експозитури и филијали кои се посочени како најфреквентни од страна на слепите лица.