
Европскиот комесар за енергетика, Ден Јергенсен, денес изјави дека Европската Унија ги оценува сите можни мерки за справување со „долготрајната“ енергетска криза предизвикана од војната на Блискиот Исток, вклучително и рационализирање на горивото и ослободување на дополнителни количини нафта од стратешките резерви.
„Ова ќе биде долгорочна криза. Цените на енергијата ќе останат високи многу долго време“, предупреди Јергенсен во интервју за „Фајненшл тајмс“, додавајќи дека за некои „критични“ производи ситуацијата би можела да биде уште потешка во наредните недели.
Неодамнешното затворање на клучен воден пат, Ормутскиот теснец, и нападите врз енергетската инфраструктура во Персискиот Залив создадоа „хаос“ на глобалните пазари, предизвикувајќи скок на цените и долгорочни загрижености за снабдувањето, особено во секторот за гориво за авијација, потсетува весникот.












