Компаниите бараа рационализација на таксата за ставање во промет на хемикалиите за домаќинство

46

Од  1 јуни 2015 година во Република Македонија стапува на сила новиот систем на одбележување на хемикалиите кои во делокругот на работење на малопродажните објекти се препознатливи како хемија за домаќинствата, во која спаѓаат предметите за општа употреба, детергентите, омекнувачите, избелувачите, производите или артиклите кои содржат хемикалии, средства за одржување хигиена и средствата за дезинфекција. Ова беше истакнато на прес-конференцијата во Стопанската комора на Македонија на тема: Обврските на маркетите согласно Законот за хемикалии и влегувањето во сила на CLP/GHS регулативата.

“Покрај тоа, пласирањето на горенаведените производи треба да биде застапувано од правни лица коишто поседуваат сертификат, решение за вршење дејност промет со хемикалии“, истакна Зоран Костовски, претседател на Здружението на хемиската индустрија при Комората.

За детергентите, омекнувачите, избелувачите, средствата за дезинфекција, покрај решението за вршење дејност промет со хемикалии, правното лице треба да поседува и сертификат, решение за ставање во промет на биоцидни производи или решение за ставање во промет на детергенти, издадени од Агенцијата за лекови (Министерство за здравство).

Овие обврски се определени во Законот за хемикалии и подзаконските акти, усогласени со европската регулатива и системот со хемикалиите. Во националното законодавство од делот на хемикалиите над 90% е транспонирано европското законодавство во овој сектор.

Обврските кои треба да се исполнат при ставањето на хемикалиите во промет и потребната документација согласно Законот за хемикалии (Службен весник на РМ, бр. 145/10, 53/11, 164/13) и согласно CLP/GHS регулативите во неколку наврати се презентирани пред бизнис секторот во рамките на коморските активности и од страна на раководителот на Секторот за хемикалии во рамките на Агенцијата за лекови, м-р Лидија Савиќ.

Со оглед дека станува збор за опфат на голем број фирми, во делот на регистрацијата на прометот со хемикалии и на магацините, како и големиот број производи за кои е потребна регистрација при нивно ставање во промет, а во услови кога пропишаната висина на таксата се движи од двестотини  до 1.000 евра во денарска противвредност одделно по производ, Здружението на хемиската индустрија во соработка со Здружението на трговијата ќе иницира рационализација на трошоците, односно нивно сведување на износи прифатливи за стопанските субјекти.

Во однос на стапувањето на сила на новите ознаки за опасни хемикалии,  дадена е можноста до 1 јули 2016 година да може да се ставаат во промет производите на залиха кои ја носат ознаката за опасни хемикалии согласно старата класификација на хемикалиите.

Останува потребата од интензивирање на активностите за примена на регулативите, со што ќе се обезбеди сигурноста при ставање во промет на хемикалиите, како мерка за безбедност на здравјето на граѓаните и на животната средина.