Секоја фирма да направи пресметка на трошоците и да одлучи како ќе се организира од аспект на економичност и ефикасност, да ја изанализира постојната интерна организација и да ја прилагоди пред се, заради обезбедување побрза наплата и избегнување на доцнењето при плаќањето на обврските.
Ова е пораката од денешната трибина што ја организираше Сојузот на стопански комори (ССК) по повод претстојното донесување на законот за финансиска дисциплина кој ќе почне да се применува од 1-ви мај годинава.
Услужната комора при ССК изразува уверување дека компаниите подготвени ќе го дочекаат новиот закон.
“Донесувањето на законот за финансиска дисциплина беше и предлог на ССК доставен до Владата на деловниот појадок минатата година. Ние активно учествувавме во неговото изготвување. Со него ќе се решат проблемите со ликвидноста и дисциплината на плаќање меѓу приватниот сектор, како и меѓу државата и приватниот сектор”, рече Данела Арсовска, претседател на Услужната комора.
Претставниците од Министерството за финансии истакнаа дека законот за финансиска дисциплина ќе се однесува на регулирање на обврските меѓу приватните субјекти со рокови за плаќање на обврските во рок од 60 дена, освен доколку двете странки не се договорат поинаку, тогаш може да биде максимално до 120 дена. Таква одредба ќе има и меѓу државните институции и приватните.
Очекувањата се дека Законот ќе помогне навреме да се вршат плаќањата и да се подобри ликвидноста на стопанските субјекти, а на тој начин и на македонското стопанство во целина.