Компанија од Австралија изработува хартија од камен

69

Кевин Гарсиа и Џон Це, претприемачи од Сиднеј, Австралија, прават хартија од камен.

Нивната компанија Karst Stone Paper е основана во 2017 година, а идејата ја добиле од тајвански производители на хартија.

Наместо сечење на дрва и употреба на хемикалии, Гарсиа и Це изработуваат хартија од отпаден камен којшто го наоѓаат на градилишта и останати индустриски места.

На овој начин се зачувуваат дрвјата и околината и значително се намалуваат штетните емисии во воздухот што би се создале со вообичаениот начин на производство на хартија.

За да ја создадат хартијата од камен, собираат варовник, го мијат, мелат додека не стане прав. Потоа, правот го мешаат со полиетилен со висока густина, којшто може да се разложи со текот на времето со помош на сончева светлина.

Мешавината што личи на паста потоа ја претвораат во малечки пелети коишто се загреваат и се ставаат на големи ролни. Следен чекор е добивање на тенки листови хартија, пишува CNN.
Една тетратка чини од 10 до 25 долари, во зависност од квалитетот. Најмногу продаваат онлајн, но имаат и продавници во Австралија, САД и Велика Британија.
За да ја стартуваат Karst Stone Paper, Гарсиа и Це одвоиле 30.000 долари од свој џеб, а се рекламирале најмногу преку Facebook.
На почетокот најмиле тајвански производител и произвеле 5.000 тетратки. По две години бизнисот значително се проширил со продадени 70.000 тетратки на купувачи од 81 земја.