Фото: Nanollose
Трендот на еколошка освестеност, се повеќе ја зафаќа и индустријата за облека, така што многу брендови во таа област се свртуваат кон употреба на еколошки материјали како што се бамбус, органски памук или рециклирана пластика.
Но, австралиската биотехнолошка компанија Nanollose оди чекор понатаму, развивајќи технологија на производство на целулоза од индустриски, органски и земјоделски отпадни производи, пишува Inhabitat.
Ваквата целузлоза ќе се создава од неопасна и незаразна бактерија во посебен биолошки систем преку природна ферментација. Тоа значи дека за производството на основниот суровински материјал во конфекциската индустрија-целулозата, нема да се користи ни сонце, ни земја, ни пестициди, ѓубрива или големи количини на вода.
Микробите ќе ги трансформираат отпадните производи од индустријата за пиво, вино и течна храна во микробна целулоза којашто понатаму ќе се користи за производство на првите вискозни влакна од нерастителна целулоза, т.н. Nullarbor. Вака создадениот материјал може да се искористи за производство на маици, фустани, спортска опрема, па дури и мебел за домаќинствата.
Од австралиската компанија, Nanollose информираат дека технологијата веќе е претставена на планетарниот самит за текстил во Канада и дека многу производители пројавиле интерес за истата, што е сигнал за промени во целата индустрија на облека, промени насочени кон потрага по решенија за одржливи и долгорочни алтернативи на целузлозни влакна.