Компанијата Ethique од Нов Зеланд произведе шампон што не е спакуван во пластична амбалажа, со цел да ја намали употребата на пластични шишиња, а со тоа и пластичниот отпад. Тоа успешно го прави преку производство на шампони и регенератори во тврда состојба спакувани во хартиена обвивка, за кои се вели дека се исклучително квалитетни и пријатни.
Во производството користат технологија што ја концентрира смесата и со тоа ја постигнуваат втората цел – значителна заштеда на вода што се троши при производство на пластика и при разредување на производите во течна состојба. Велат дека обичните шампони и регенератори содржат до 90% вода што се заштедува во случајот со тврдите производи. Заштедата на вода ја проценуваат на еден литар по продукт.
За хартиената амбалажа користат биоразградувачки материјали, а за производите исклучиво природни материјали: кокосово масло, путер од кокос и лаванда.
„Додека бев на колеџ, секогаш се прашував зошто во шампоните има вода кога во тушот веќе ја има и зошто мора да се користи толку многу пластика кога може производите во тврда состојба да ја избегнат?“, вели основачката на компанијата, Бријан Вест, пишува The Huffington Post.
Имајќи предвид дека 80% од пластиката завршува нерециклирана во почвата и морињата, акцијата на Ethique е повеќе од значајна. Со својата иновативна идеја преточена во акција, тие до 2020 година ќе ја „спасат“ Земјата од околу еден милион пластични шишиња.
Уште една позитивна работа е тоа што овие продукти траат петпати подолго од оние во течна состојба и се користат со едноставно натопување со вода од тушот.
Компанијата сега има шест вработени и го дуплира профитот секоја година.