Поттикнати од хуманите луѓе и организации, како и со искрена желба за поддршка, Пекабеско повторно донираше пакети со храна наменети за социјално загрозените семејства.
Во текот на оваа недела беа донирани 30 пакети со храна, а на крајот на минатата година Пекабеско ги донираше првите 27 пакети наменети за социјално загрозени семејства.
Акцијата, којашто компанијата ја спроведува заедно со Facebook заедницата, е наречена Секој твој лајк помага, а Пекабеско за секој нов лајк на страната на Facebook одвојува по три денари наменети за пакети за храна за социјално загрозените семејства.
Од компанијата велат дека оваа акција е одлично прифатена од Facebook заедницата и ќе продолжи да се спроведува и во иднина. Тие се надеваат дека оваа континуирана општествено одговорна акција на Пекабеско ќе биде поттик и за други компании да иницираат активности со коишто ќе помогнат на заедницата кога тоа е најпотребно.
Од Пекабеско ја поздравија и одличната соработка којашто изминатите неколку месеци ја имаат со одговорните, вработените и волонтерите во Црвениот крст на Град Скопје и којашто се убедени дека ќе продолжи и ќе се прошири и во иднина.
Од компанијата изразуваат благодарност до хуманите граѓани кои досега помогнаа за успешно реализирање на оваа хумана активност и ги повикуваат сите кои сакаат да помогнат, да го сторат тоа со лајк на нивната Facebook страница.