Компјутери за социјално ранливи категории

47

Социјално ранливите категории приматели на помош преку Министерството за труд и социјална политика ќе можат да добијат бесплатни компјутери, како донирана користена информатичка опрема од државни и приватни компании и граѓани. Првите компјутери, што претходно ќе бидат репарирани и ставени во функција, се очекува да бидат поделени на почетокот на новата учебна година.

Со компјутерите не е обезбеден бесплатен интернет, но Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) апелира интернет провајдерите доколку се во можност да се вклучат во акцијата.

Проектот Компјутери за социјално ранливите категории денеска го презентираа министерот за информатичко општество и администрација МИОА, Иво Ивановски и Саша Огненовски, претседател на Информатичко комуникациската комора при Сојузот на стопански комори.

Според Ивановски, сите приватни компании и државни институции кои имаат ИКТ опрема што сакаат да ја донираат треба да се пријават на веб страницата donacii.mioa.gov.mk којашто од 1 јули ќе има посебен формулар. До тогаш ќе можат преку електронска пошта на doniraj@mioa.gov.mk да ја достават листата на опрема којашто ја поседуваат.

“Откако ќе се достави листата во соработка со приватниот сектор, компанија со возило ќе ја преземе опремата од нивниот магацин. Опремата ќе биде репарирана, исчистена, оние делови што може ќе се искористат, ќе се инсталира оперативен систем од отворен код. Сите граѓани кои се заинтересирани за оваа опрема ќе може да се пријават на веб страницата, доколку немаат интернет треба да ги искорист интернет клубовите на МИОА низ градовите во државава или пак да се обратат до институците на Министерството за труд и социјална политика (МТСП) и да пополнат формулари“, информира министерот Ивановски.

За сите активности поврзани со добивање и распределба на опремата ќе биде задолжена Комисијата со претставници од приватниот сектор, МИОА и МТСП. По добивање и ставање во функција на опремата, тоа ќе биде објавено на веб страницата donacii.mioa.gov.mk. За опремата што ќе ја донираат граѓани поединци, ќе има посебни пунктови каде ќе може да се доставува.

“Мислам дека со овој проект голем број граѓани  ќе  имаат можност првпат да добијат компјутер, а со тоа и да се поврзат на интернет и да бидат дел од половина од светот, којшто моментно е корисник на интернет услуги“, рече Ивановски, кој ги повика интернет провајдерите да вклучат во акцијата и на граѓаните кои ќе добијат компјутери да им обезбедат бесплатен интернет.

Идејата произлегла од членки на ИКТ комората, кои при работењето согледувале ситуации дека многу јавни или приватни субјекти заменувале информатичка опрема која е во исправна состојба, но поради одредени околности мора да се замени со друга. На тој начин, според Огненовски, по магацините се натрупува опрема која за правните субјекти е нефункционална, а во дадени околности може се уште да се користи.