Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) бара од сопствениците на угостителски објекти пред најавата дека е можно од следната недела некои од нив да бидат отворени да спроведат дезинфекција и чистење на опремата и на површините за обработка на храна и да го дезинфицираат целиот објект.
Зоран Атанасов, директор на АХВ, рече дека и забелешките од досегашните надзори што се направени од почетокот на вонредната состојба се однесуваат токму на лошите хигиенски услови – за чување на храната и на површините каде што се обработува, или на немањето сертификати кај вработените за безбедност во ракување со храна, како и за неспроведени санитарни прегледи.
Атанасов истакна дека овие забелешки не се однесуваат само на спречување на ширењето на коронавирусот, туку и воопшто за спречување на евентуално ширење на болести преку храната.
Во периодот од 27 април до трети мај Агенцијата за храна и ветеринарство спровела 154 надзори во повеќе градови и тоа во маркети, угостителски објекти, месарници, зелени пазари при што се изречени пет казнени мерки поради немање обука за безбедност на храна и 12 решенија за лоша општа хигиенска состојба.