На 16 март (среда), во Александар Палас, со почеток од 11 часот ќе се одржи првата Конференција за одржливост, Инвестицијата во младите – придобивка за сите, во организација на ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување.
Целта на конференцијата, на која ќе присуствуваат претставници од приватниот сектор, е да се промовира корпоративната општествена одговорност, особено во областа на сексуалното и репродуктивно здравје. Преку говорниците – претставници на приватниот сектор, препознаени по својата општествената одговорност и претставници од заедницата, на Конференцијата ќе бидат претставени и Младинските центри „Сакам да знам“, кои ХЕРА веќе 10 години успешно ги раководи.
„Сакам да знам“ се два младински центри во Скопје кои веќе десет години на младите им обезбедуваат бесплатни и доверливи услуги за репродуктивно здравје. Тим од лекари, социјални работници и психолози на повеќе од 2.500 клиенти годишно им обезбедува интегрирани услуги и информации на едно место.
На Конференцијата за одржливост се очекува да присуствуваат 40 претставници од приватниот сектор кои веќе се препознаени по своите заложби, како и компании кои ја препознаваат потребата од активно вклучување на корпоративниот сектор во заедницата.