Меѓународната асоцијација на одгледувачи на тутун (ИТГА) на 14-ти септември 2012 година организира форум на тема ориентален тутун. На форумот се очекува да се соберат претставници на повеќе од стотина илјади одгледувачи на тутун и тутунопреработувачи од Македонија, Бугарија, Србија, Грција и Турција.
ИТГА е загрижена поради екстремните мерки против одгледување на тутунот, кои се наметнуваат во контекстот на Рамковната конвенција за контрола на производството на тутун на Светската здравствена организација(СЗО).
Министерот за земјоделие, шумарство и водостопанство, Љупчо Димовски, ќе го отвори форумот со свое обраќање, а воедно Антонио Абруноса, директор на асоцијацијата, ќе ги презентира заканите од предложените мерки на Рамковната конвенција на СЗО, за кои треба да се дискутира и гласа во Сеул во ноември 2012.
ИТГА е непрофитна организација чија цел е унапредување на целите на милиони одгледувачи на тутун низ целиот свет. Асоцијацијата се стреми кон обезбедување на силен колективен глас на меѓународно и национално ниво со цел да се обезбеди долгорочна сигурност на заедниците на одгледувачи на тутун. Таа претставува повеќе од 30 милиони одгледувачи на тутун низ светот.