Конференција за вмрежување компании од лесна метало – преработувачка индустрија во Македонија

35

MME 2016 Logo

За првпат во Македонија се организира конференција за вмрежување на компаниите од македонската лесна метало – преработувачка индустрија со странски купувачи, стои во соопштението.

Конференцијата насловена Macedonia Manufacturing Expo ќе се одржи на 15-ти септември (четврток) 2016 година, во хотел Александар Палас, со почеток од 9:30 часот. Конференцијата ќе ја отворат Министерот за финансии, Кирил Миноски, Амбасадорот на САД, Џес Бејли, Амбасадорката на Швајцарија, Сибил Сутер Техада, и Амбасадорот на Холандија, Вилем Воутер Пломп.

На конференцијата ќе присуствуваат 48 компании од Македонија во својство на добавувачи и 18 компании, од кои 16 странски, во својство на купувачи. Меѓу потенцијалните купувачи се и големи меѓународни компании како Сименс (Siemens), Ван Хул (Van Hool) и Скаутби (Scoutbee). Компаниите кои ќе учествуваат на конференцијата произведуваат голем број на разновидни индустриски производи, како алати, хидраулика, електроника, калапи и метални конструкции. Покрај директните деловни средби помеѓу домашни и странски купувачи, на конференцијата ќе се зборува за трендовите и новите технологии во индустријата. Крајната цел на Macedonia Manufacturing Expo е македонските компании да станат дел од глобалниот снабдувачки ланец на реномираните странски компании, но и да ги зајакнат врските со домашните компании од индустријата.

Еднодневната конференција е организирана од Проектот на УСАИД за експанзија на мали бизниси, кофинансиран од Владата на Швајцарија, Асоцијација на метална и електро индустрија – МАМЕИ и Агенција за странски инвестиции и промоција на извозот на РМ (АСИПИРМ) со поддршка од Германската стопанска комора во РМ (AHK), Американската  стопанска комора во РМ (AmCham), Амбасадата на Холандија во РМ и Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони (ДТИРЗ).