Конгресна сала ќе плови по Јадранот – нов проект во хрватскиот туризам

46

hrПловна конгресна сала која би можела да прими 2.000 луѓе долж Јадранот е деловна идеја за хрватскиот туризам којашто сериозно ја разгледуваат поранешниот претседател на Надзорниот одбор на Ина, Давор Штерн, организаторот на конгреси Томислав Гаваци, архитектот Бранко Силаѓин и Среќко Шимуновиќ, поранешен директор на Кроација ерлајнс.

Проектот е пријавен на конкурс во Министерството за туризам кое поттикнува вложување во туристичката инфраструктура. Тие од министерството не очекуваат да го финансира градењето, туку да помогне во финансирање на потребните студии, што е неопходно за да се добијат пари од фондовите на Европската унија, пишува Јутарњи лист.

“Според груба проценка, изградбата на пловна конгресна сала би можела да чини околу 20 милиони евра, а би се отплаќала 10 до 15 години”, вели Давор Штерн.

Станува збор за брод што наликува на мал крузер кој нема спални кабини, ниту сопствена кујна, туку конгресен простор, а освен што би пловел од Пула до Дубровник, би можел да се користи и во венециското и црногорското приморје. Овој простор освен за конгреси, може да се користи и за изложби, како дискотека, за спортски манифестации и слично.

Според креаторите на проектот, градењето на ваква сала е исплатливо затоа што во Хрватска нема ниту една конгресна сала која може да прими повеќе од 800 луѓе, а ниту еден град на крајбрежјето нема потреба за конгресна сала во текот на целата година и не може да ја пополни со содржини.