Коњановски: Да не се чекаат послeдните рокови за легализација на механизацијата и објектите

21

konjanovski11Заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Зоран Коњановски вчера одржа работна средба со земјоделците од охридските села Горно и Долно Лакочереј и Мешеишта.

На средбата тој зборуваше за работните проекти на Министерството, за законските измени донесени на нивно барање, вклучувајќи ги и сосема новите регулативи.

Коњановски информираше и за законот за земјоделски задруги, чие донесување се очекува идната недела, со цел земјоделските задруги во Македонија да профункционираат во полза на земјоделците.

Земјоделците голем интерес покажаа за измените за Законот за возила со кој се легализираат земјоделските машини и механизацијата, за законот за легализација на објекти и згради на земјоделско земјиште, како и за измените на Законот за земјоделско земјиште што овозможува изградба на нови објекти на земјиште што не е урбанизирано.

“Со легализација на шталите, рибниците, оранжериите и помошните објекти им се дава можност на сопствениците за осовременување на земјоделските стопанства, пред се преку можноста за добивање средства од европските фондови за таа намена”, изјави Коњановски.

Тој порача земјоделците да не ги чекаат последните рокови за легализација на механизацијата и објектите што истекуваат на 10 април, односно 2 август годинава.