Конкурс за деца актери во филмското училиште Тинтири Минтири

31

unnamed

Филмското училиште Тинтири Минтири и Аурипигмент продукција од Скопје отворија конкурс за упис на нови членови за учебната 2016/17 година.

Филмското училиште Тинтири Минтири обучува деца и млади од 6 до 18 години во сферата на аудио-визуелните уметности. Примарна активност на Тинтири Минтири е едукација во сферата на филмска и тв глума, филмско и тв сценарио, филмска и тв режија, креативно пишување, анимација, водители, радио драма, градење однос кон камера и јавен настап.

Наставата започнува од 15 септември 2016. Овој период часовите се одржуваат во просториите на Македонска телевизија.

“Филмот е стожер околу кој се гради образовниот курикулум во Тинтири Минтири. На принцип на менторство учениците пишуваат, снимаат и монтираат филмови во кои самите се актери. Најдобрите филмови што се создаваат во текот на работната година во континуиран теоретски и практичен процес, ја доживуваат својата кино премиера на меѓународниот филмски фестивал за деца Тинтири Минтири Филм Фест”, вели м-р Кузман Кузмановски, раководител на Тинтири Минтири.

Училиштето Тинтири Минтири прави несекојдневен обид да ја доближи филмската уметност до најмладите: да научат што е филм и филмски јазик; како се создава филмот; како се пренесува порака до гледачот преку филмски израз. Програмата на Тинтири Минтири е создадена и адаптирана на соодветната детска возраст од страна на педагози, психолози и социолози.

„Часовите во Тинтири Минтири се посетуваат не заради што така треба и не заради тоа што другите така прават, туку единствено од љубов. Станува збор за креативна уметничка работа и децата треба да уживаат додека работат“, вели Кузмановски.

Во моментов членовите на нашето училиште ја снимаат играната серија за деца „Вистински приказни“ која наскоро ќе започне да се емитува на Македонската телевизија. Покрај овој обемен телевизиски проект, децата учествуваат во многу други филмови, дел од нив прикажани на меѓународниот филмски фестивал за деца Тинтири Минтири Филм Фест, на кој се организира  меѓународна филмска селекција за деца, но и уникатна селекција од филмови направени од деца.

Филмското училиште Тинтири Минтири е поддржано од Агенција за филм на Република Македонија.

Повеќе информации за уписите и за активностите на филмското училиште Тинтири Минтири можете да добиете на контакт телефонот 078 30 21 61 или на нашиот мејл  kc.tintirimintiri@gmail.com и веб-сајт http://tintirimintiri.mk/.