Конкурс за стипендии Борис Трајковски за МБА студии на Универзитетот Шефилд

27

Конкурсот за доделување 20 стипендии Борис Трајковски за МБА студии на Меѓународниот факултет на Универзитетот Шефилд, Сити Колеџ е отворен и заинтересираните кандидати ќе може да се пријавуваат до 20 јули 2018 година.

Со потпишаниот договор меѓу Сити Колеџ, Кабинетот на Претседателот на Република Македонија и Министерството за образование и наука, се овозможува врвно образование за 20 кандидати кое е финансирано од Владата на Република Македонија – Министрество за образование и наука и од Меѓународниот факултет на Универзитетот Шефилд, Сити Колеџ.

За академската 2018/2019 година стипендиите се наменети за вонредни двегодишни студии од II (втор) циклус на Меѓународниот факултет на Универзитетот Шефилд, Сити Колеџ и тоа за насоките, менаџмент, маркетинг, финансии, менаџмент во логистика, менаџмент во здравство и менаџмент на човечки ресурси кои се дел од постдипломските студии на Програмата за бизнис администрација, МБА.

Стипендиите, традиционално, се доделуваат на 20-те најдобри кандидати кои ќе се пријават на конкурсот и ги исполнуваат условите кои што се наведени во истиот, додека изборот на кандидатите ќе се изврши од страна на заедничка Комисија составена од потписниците на Протоколот.

Универзитетот Шефилд е еден од водечките британски универзитети и се наоѓа во рамките на “Најдобрите 100 универзитети во светот” и помеѓу “Топ 10 универзитети во Велика Британија за истражувачка моќ”. Според QS листата за глобално рангирање на универзитетите за 2019 година, тој е рангиран на 75-то место во светот, и на 22-ро место во Европа.

Универзитетот Шефилд е врвна академска институција чија што основа е истражувачката работа, преку која што има стекнато светска слава за квалитет. Шест добитници на Нобелова награда доаѓаат од Универзитетот Шефилд. На Универзитетот Шефилд има 6 академски факултети, пет факултети се во Велика Британија и еден факултет, тоа е Меѓународниот факултет, Сити Колеџ, се наоѓа во Солун, Грција.

Повеќе информации во врска со објавениот конкурс за стипендиите Борис Трајковски за академската 2018/ 2019 година се достапни на mon.gov.mk,а рокот за аплицирање е 20 јули 2018 година.