Владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев, на редовната прес-конференција информираше дека Владата распиша оглас кој ќе трае до 7-ми јуни за пријавување интерес за ангажирање лица за раководни позиции, односно управители на Фондот за иновации и технолошки развој, и тоа директор, членови на Управен одбор и на Комитетот за одобрување на инвестиции на Фондот, кој е во формирање.
“Интенција на Владата е лицата што ќе конкурираат да бидат професионалци коишто се докажани во својата област и кои извршувале работи во полето на иновациите, имаат верифицирано образование, познавање странски јазици и го познаваат реалниот бизнис сектор”, рече портпаролот Ѓорѓиев.
За директор на Фондот како главно управно тело кој ќе врши оперативни задачи може да аплицираат сите оние кои поседуваат високо образование од областа на економските или техничко-технолошките науки, имаат најмалку пет години работно искуство во оваа дејност и познаваат најмалку еден странски јазик. Потребни се седум членови на Управниот одбор, а може да аплицираат лица што имаат завршено високо образование од областа на економијата, финансиите, правото и иновациите или иновациската дејност и треба да имаат пет години работен стаж на полето на проблематиката со иновации. Може да се аплицира и за Комитетот за одобрување на инвестициите и иновациите кои треба да биде составен од пет извршители за кои се бара лица со високо образование кои најмалку десет години работеле на проект од областа на иновациите и имаат меѓународна потврда и верификација на нивната дејност.
“Апелираме да аплицираат што поголем број кандидати за да може да управуваат со овие раководни позиции и да дадат поддршка на бизнисмените во Македонија, да дадат отвореност за нивните идеи да ги поддржат, да ги финансираат и на тој начин да помогнат во економскиот развој на Република Македонија, но и овозможување на што поголем број работни места”, изјави портпаролот на Владата.
Фондот за иновации и технолошки развој е вклучен во Законот за иновациска дејност кој Владата го усвои и е во собраниска процедура.
“Фондот е предвиден со стратегијата за иновации која Владата ја усвои во октомври минатата година и тој ќе биде централно тело преку кој ќе се креира, формулира и реализира политиката на Владата и на државата во областа на иновациите и технолошкиот развој. Интенцијата на Владата е Фондот да биде професионализиран и во него да бидат вклучени најспособните кадри кои имаат најголемо искуство во областа на иновациите и технолошкиот развој и имаат бизнис отвореност и бизнис пристап да ја разбираат економијата, да имале искуство во рамките на реалниот сектор за да може подобро да одговорат на барањата на компаниите”, појасни владиниот портпарол.
Како што рече Ѓорѓиев, Фондот ќе има задача да биде централно тело во рамки на политиката на иновации, ќе извршува голем делокруг на задачи предвидени во рамки на неговата дејност. Меѓу другото Фодот ќе врши помош и поддршка, советодавна, но и финансиска на сите новоотворени компании кои ќе побараат помош, советодавна и финансиска поддршка во рамки на иновацискиот пристап на компаниите што реализираат определени иновации и ги применуваат во рамки на својата дејност и ќе ги поврзува домашните компании со странските платформи кои финансираат развој на иновациската дејност.
Во првиот период, една година од усвојување на Законот во Собранието целокупната логистика ќе ја врши државата, односно Владата преку сопствени извори, преку Буџетот. По ова ќе се премине и кон парцијално финансирање од надворешни извори, односно користење на проектот на Светската банка, проект за развој на вештини и искористување на платформите што ги нуди Европската унија за финансирање на иновациите кој изнесува 140 милиони евра наменет за државите во Југоисточна Европа.
“Во периодот додека државата го финансира развојот на Фондот ќе се финансира основање на стар ап компании и на иновации со грантови до 10 илјади евра, комерцијализација на иновациите изработени од страна на домашните компании со поддршка до 30 илјади евра и еквити и мезанин фондови со поддршка до 80 илјади евра, а по стекнувањето на право да се користат и надворешни извори овие дејности ќе бидат зголемени. Прагот на финансирање ќе биде зголемен двојно, а ќе бидат предвидени и дополнителни дејности”, дополни Ѓорѓиев.