Конструктивна VS диструктивна расправија

79

Фото: Pixabay

Расправиите, конфликтите и недоразбирањата со колегите се дел од “инвентарот“ на секоја канцеларија. Тие може да бидат корисни, да мотивираат, да поттикнат продуктивност, само до одредена граница. Штом се помине тенката линија, атмосферата во канцеларијата достигнува точка на вриење и станува непријатна за сите вработени.

Нормално е вработените да имаат различен начин на работа, поинаков пристап при решавање на одредени проблеми и предизвици. Па, преку расправии може да се судрат различните ставови, за на крајот да се решат недоразбирањата и да се донесе одлука за доброто на сите. Тогаш зборуваме за конструктивна расправија. Вообичаено, кај тим со повеќе членови, овие дискусии значат вкрстување на различни мислења, ставови, искуства… Доколку имаат изградено одлични канали на комуникација, тогаш овие конструктивни расправии водат кон нови успеси, иновативни производи, подобрени услуги, освојување на поголем дел од пазарот…

Од друга страна, доколку на расправиите им нема крај, се случуваат поради некаква ситница, се последица на судир на суети… тогаш зборуваме за деструктивна расправија. Овој вид на “гласна“ комуникација не носи ништо позитивно или продуктивно, туку само ги влошува односите меѓу колегите, претпоставените. Воопшто не е пријатно кога слушате двајца колеги како постојано се препираат, секој тврдоглаво го брани својот став, не го слуша и почитува противникот. Затоа, најдобро е да се најде начин како да се изгладат односите, да се решат недоразбирањата и да се даде втора шанса на заедничката комуникација.

Можеби колегите, со кои ја делите канцеларијата најмалку осум часа во денот, не се по ваша мерка, имајте предвид дека тоа не се пријатели кои треба да ги изберете, туку мора да ги почитувате и да соработувате за доброто на компанијата.