Конструктивни дискусии

22

razmisluvanje-1-pixabay

Фото: Pixabay

Секојдневно сме во комуникација со различни соговорници или во дискусии каде што треба активно или пасивно да учествуваме. Овие дискусии понекогаш се конструктивни, но знаат да бидат и тотално неконструктивни.

Неконструктивноста на дискусиите зависи од многу фактори коишто влијаат на текот на дискусијата, но и од соговорниците. Тие предизвикуваат и губење време на сите што се инволвирани, но и на следните чекори.

Идејата е дискусиите да бидат конструктивни и да се извлече некаква поука од нив, но и да се дојде до некој заклучок или план за во иднина. Затоа, би сакал да споделам со вас неколку совети кои и ние ги применуваме, сè со цел, нашите дискусии да имаат конструктивен крај:

  • Учество на сите – најважна работа е сите во дискусиите да имаат активна улога, без разлика дали се двајца или повеќе учесници. За да се има таква улога на сите, потребно е „модераторот“ да го насочува разговорот во правилна насока, за што е потребна желба и знаење.
  • Кажете сè – гледајте да бидете целосни во своето искажување и комуницирајте ја целата порака што сакате да ја испратите. Притоа, гледајте да бидете кратки и прецизни во кажувањето, а не да ги кажувате работите на долго.
  • ЈАС, наместо НИЕ – со употреба на НИЕ, најчесто се насочуваме кога сакаме да окривиме нешто, но заслугата ја земаме секогаш на ЈАС. Пробајте да го свртите целиот концепт, и заслугата да биде на НИЕ, а одговорноста на ЈАС. Верувајте, дискусијата добива друга насока.
  • Тон на глас – многу често овие дискусии во нашето поднебје преминуваат во неконструктивни поради тонот на гласот, бидејќи после некое време почнуваме да се надвикуваме. За да го истакнеме нашето, почнуваме да го покачуваме тонот, на тоа соговорникот/ците реагираат со покачување на нивниот глас и на крај сите викаме… може да се има повишен тон, но притоа да се остане во текот со дискусијата, затоа што викањето знае често да прејде во расправија и неконструктивна дискусија.
  • Активно слушање – ментална работа во која ќе треба да го слушнете соговорникот, да го обработите неговиот или нејзиниот став или факти и да процесирате дали се точни или не и да бидете подготвени да го промените својот став или да имате уште поголем аргумент дека вашиот став е најисправен. Колку тешка работа, па и затоа не сме активни во слушањето, тука повеќе сакаме да биде слушнат нашиот став.
  • Фокус – фокусирани на дискусијата, фокусирани на проблемот, а не на личноста, фокусирани на времето, фокус на сегашноста и иднината, а не на минатото. Ако се дефокусирате на некои од овие или други работи, многу е веројатно дека ќе имате деструктивна дискусија која ќе избега од темата.
  • Емоции – немојте да внесувате премногу емоции во разговорите, освен ако не знаете да ги контролирате. Во спротивно, можете да дозволите тие да ве вовлечат во друг правец кој под влијание на емоциите може да има друга насока.
  • Дополнително на сите овие совети и правила, за да имате конструктивна дискусија, атмосферата во која ги правите има влијание. Како надворешна (место и околина), така и внатрешна (претходно несогласување, лош однос, стереотипи, предрасуди итн.).

Имајќи го сето ова предвид, гледајте дискусиите кои ги имате со вашите соговорници да имаат конструктивен крај, а од деструктивните научете некоја поука и немојте да ги повторувате.

Со успех во промените.