Конзервната индустрија бара увоз на суровини без царина

43

Слободен увоз на суровина преку целата година наместо оптоварувања со царини и прелевмани, бараат компаниите од конзервната индустрија.

Како што беше речено на прес-конференција во Стопанската комора денеска, иако производството и увозот бележат позитивен тренд, искористеноста на капацитетите за преработка на овошје и зеленчук е само 35%.

“Суровината е проблем подолго време. Царината за увоз на домат и пипер е 45%, а на оваа сума се плаќаат дополнителни 0,12 евра за килограм прелевмани што е неисплатливо за нашите фирми”, истакна Васко Ристовски од Комората, јавува Миа.

Потенцијални земји за увоз на суровина се Сирија, Египет, Турција, Мароко.

Во македонската конзервна индустрија работат преку 40 компании со околу 1.200 вработени. Од нив 22 преработуваат само зеленчук, четири овошје, а 17 имаат комбинирани линии.

Првите седум месеци од годинава се извезени 15.100 тони преработки, што е 10,2% повеќе во однос на истиот период лани и е остварен девизен прилив од 24,6 милиони долари со раст од 13,4%.