Конзорциумот ЕВН Македонија и ЕВН Електроснабдување стана универзален снабдувач на електрична енергија

105

Конзорциумот ЕВН Македонија АД Скопје и ЕВН Електроснабдување ДООЕЛ Скопје понуди најниска маржа од 11,5% и со тоа ги исполни условите да стане најповолен понудувач на електрична енергија, стои во соопштението.

Академик Глигор Каневче како претседател на Комисијата за избор на универзален снабдувач ги соопшти резултатите од одржаната електронска аукција, при што истиот потенцираше дека врз основа на претходно завршената евалуација на доставените документи, Комисијата утврди дека и двете понуди ги исполнуваат условите и критериумите од тендерската документација и поради тоа, компаниите беа поканети на денешната електронска аукција на којашто за најповолен понудувач е избран конзорциумот ЕВН Македонија АД Скопје и ЕВН Електроснабдување ДООЕЛ Скопје со понудената најниска бруто маржа од 11,5%

“Универзалниот снабдувач како механизам со којшто се штити интересот на граѓаните на Република Северна Македонија и се обезбедува домашното производство на електрична енергија да стигне кај граѓаните по најповолни услови и цени и на тој начин се заштитуваат граѓаните од можните ценовни шокови, станува реалност. Денеска заврши јавното наддавање на тендерската постапка за универзален снабдувач при што од првичната понудена бруто маржа од 14,4% како почетна цена на аукцијата, цената во интерес на граѓаните на Република Северна Македонија се намали за скоро 30% и последната понудена бруто маржа изнесува 11,5%. Со ова се гарантира дека најголемиот бенефит останува за граѓаните на Република Северна Македонија“, соопшти вицепремиерот Анѓушев и додаде дека либерализацијата на пазарот на електрична енергија ги дава економските бенефити во корист на потрошувачите.

Министерот за економија, Крешник Бектеши информираше дека денеска по завршување на електронската аукција како најповолен понудувач за универзален снабдувач со електрична енергија е избран конзорциумот составен од компаниите ЕВН Македонија АД Скопје и ЕВН Електроснабдување Скопје кој понуди бруто маржа од 11,5% и посочи дека во новиот Закон за енергетика е предвидено Република Северна Македонија да избере универзален снабдувач за наредните пет години.

“На транспарентен начин беше водена постапката, претседателот на Комисијата е од академската фела,  денеска на ова наддавање го избра најповолниот понудувач за универзален снабдувач којшто на наредната владина седница треба да се усвои со одлука на Владата. Имајќи ги предвид двете понуди, едната од ЕВН Македонија, другата од ЕЛЕМ важно е да се истакне дека токму оваа Влада уште еднаш докажа дека на конкурентен начин ги решава сите прашања. Ќе продолжиме на транспарентен начин да овозможуваме поквалитетни услуги за граѓаните“, соопшти министерот Бектеши.