
Француската банкарска групација „Кредит Агрикол“ (Crédit Agricole) предложи спојување на својот италијански бизнис со „Банко БПМ“, (Banco BPM) што би ја создало третата најголема банкарска групација во Италија, со 6,5 милиони клиенти и повеќе од 2.300 филијали.
Предлогот беше испратен до менаџментот на „Банко БПМ“ во понеделник, а предвидува дека француската банка ќе го зголеми својот удел во сопственост од сегашните 29,6 на приближно 45 проценти во новата група.
Споената банка ќе го задржи своето седиште во Италија и ќе остане котирана на Миланската берза.
На акционерите на Banco BPM им беше понуден коефициент на размена на акции што вклучува премија од 20 проценти на деловната проценка што Crédit Agricole ја носи во трансакцијата, заедно со извонредна дивиденда од една милијарда евра. Француската банка проценува дека спојувањето би можело да донесе околу 800 милиони евра годишни синергии пред оданочување.
Според проценките на Crédit Agricole, трансакцијата би можела да ја зголеми заработката по акција на Banco BPM за приближно 24 проценти во 2027 година, под претпоставка дека ќе се реализираат очекуваните синергии. Џузепе Кастања, сегашниот извршен директор на Banco BPM, би останал на чело на споената банка.
Предлогот доаѓа во време на интензивно реструктуирање на италијанскиот банкарски сектор, во кое најголемите финансиски институции се стремат да ги зајакнат своите пазарни позиции преку преземања и спојувања. Banco BPM претходно размислуваше за спојување со Banco Monte dei Paschi di Siena, но тие планови не се реализираа.
„Кредит Агрикол“, како најголем поединечен акционер на „Банко БПМ“, претходно се залагаше за поврзување на таа банка со нејзините италијански операции.
За „Кредит Агрикол“, Италија е еден од клучните пазари надвор од Франција. Во последниве години, групацијата ги проширува операциите во Европа, особено во управувањето со средства и банкарските услуги, обидувајќи се да ја намали зависноста од зрелиот француски пазар.
Предложеното спојување бара одобрение од акционерите на Banco BPM и регулаторни одобренија, вклучително и од Европската централна банка и италијанските власти.
Crédit Agricole очекува дека трансакцијата, доколку биде прифатена и одобрена, би можела да биде завршена во втората половина од 2027 година.











