Корона речник: Термини што мора да ги знаеме за овој вирус

248

Новиот коронавирус донесе низа непознати термини што сè почесто ги слушаме. Ова се некои дефиниции на поими што се поврзани со пандемијата што го покори целиот свет:

SARS – CoV-2: Новиот коронавирус, којшто е откриен во Кина на крајот на минатата година и којшто предизвика глобална пандемија, официјално го носи овој назив (SARS – Severe acute respiratory syndrome – тежок акутен респираторен синдром – коронавирус-2). Ова не е единствениот коронавирус што кружи меѓу луѓето. Постојат уште четири видови што се одговорни за 20 до 30% од обичните настинки од кои се разболуваме веќе неколку децении, пишува Пословни дневник.

Covid – 19: Тоа е официјалниот назив на болеста предизвикана од коронавирусот SARS – CoV-2. Инаку, Covid – 19 е кратенка од COronaVIrus Disease – 19.

Период на инкубација: Време од моментот кога човек се заразува со некој патоген, како што е вирусот, до моментот кога ќе се појават првите симптоми на болеста.

Социјална дистанца: Претставува намалена интеракција помеѓу луѓе преку ограничување на близината и зачестеноста на личниот контакт. Ова претставува и најблага мерка за која сите е добро да се придржуваме додека се смета за потребно.

Карантин: Вклучува физичко одвојување и ограничување на движење за лица кои биле во контакт со заразен. Ваквото одвојување трае сè додека медицинскиот персонал не се осигура дека лицето кое било во контакт не ги развило симптомите на болеста.

Изолација: Претставува физичко одвојување на лица кои го имаат вирусот од оние кои го немаат. Ова вообичаено се одвива во здравствени установи или во сопствениот дом (самоизолација) доколку е соодветно.

Домашна изолација: 24-часовен престој во домашни услови во текот на 14 дена, на сите лице кои доаѓаат од ризични земји.

Близок контакт: Во случајот со коронавирусот, тоа се луѓе кои престојуваат на оддалеченост од 1,8 метри од заразеното лице подолг временски период. Тоа ги вклучува луѓето со кои живее заразеното лице, кои се грижат за него и го посетуваат. Тоа може да бидат и луѓе кои биле во иста чекална со лицето или кои имале непосреден контакт со него.

Како да си помогнете: Во овој период, одржувањето контакт со личности од доверба е најдобриот начин да ја намалите вознемиреноста, нерасположеноста и осаменоста при социјална дистанцираност, карантин и изолација. Редовно комуницирајте со вашите пријатели и семејства преку телефон, социјални медиуми или интернет конекции, препорачуваат здравствените власти.

Споделувајте им ги вашите чувства и мисли, разрешувајте ги проблемите кои ви се јавуваат и видете колку ви е тоа од помош. Организирајте достава на весници, книги и филмови и следете омилени телевизиски и радио програми.

За да се опуштите, правете едноставни физички вежби доколку можете и секојдневно бавете се со некоја активност што ве смирува (пр. читање, филм, плетење, пишување…). Обидете се да воспоставите дневна рутина која ќе ви го исполнува денот и ќе го прави предвидлив (пр. одредено време на спиење, будење, јадење итн.). Не заборавајте и да ја одржувате позитивноста, бидејќи секогаш има нешто за кое сте благодарни или нешто за што се надевате.

Ако ви помага, редовно запишувајте си ги овие мисли и навраќајте се на нив. Доколку негативните мисли и чувства се интензивни и траат подолго време, стапете во контакт со психијатар или психолог преку телефонска или интернет конекција. Универзитетската клиника за психијатрија нуди контакти за психолошка поддршка и психијатриска консултација.

Фото: Pexels