Коронавирусот го менува начинот на купување автомобили

179

Пандемијата на коронавирусот повеќе од евидентно е дека ќе направи огромни промени во економскиот поредок во светот. Директно ќе влијае врз создавање на сосема нови навики на потрошувачите. Па така, турската автомобилска индустрија прифаќа сосема нов бизнис модел со цел да ги намали негативните ефекти од коронавирусот, пишува Daily Sabah.

Станува збор за развивање систем за онлајн продажба на автомобили. Преку овој систем, клиентите ќе можат да си порачаат автомобил без да го посетат продажниот салон за возила. По финализирање на нарачката, автомобилот ќе биде испорачан на домашна адреса.

Пандемијата силно го погоди овој сектор, иако имаше одличен старт на почетокот на годината. Бидејќи се очекува продажбата драстично да се намали во април, автомобилската индустрија во Турција се обидува да ги ублажи негативните ефекти со овој нов модел. PSA Турција, којашто ги вклучува брендовите Citroen, DS, Peugeot и Opel, веќе започнаа да го користат овој систем на продажба. Тие воведоа електронска резервација, онлајн состаноци, видео повици, интернет промоција, онлајн продажба… Сите овие активности значат дека ако некој сака да си купи нов автомобил, нема потреба да оди во салон, туку со само неколку кликови ќе го добие автомобилот на домашна адреса.

Автомобилскиот сектор во Турција претстави и неколку апликации за сервис и одржување на возилата. Корисниците ќе може да ги испратат своите возила на преглед и сервис без да го напуштат домот. Вработени од овластените сервиси го земаат автомобилот, го средуваат и прегледуваат, го дезинфицираат и му го враќаат автомобилот на домашна адреса на сопственикот.

Фото: Pixabay