По средбата на штипскиот градоначалникот Илчо Захариев со сопственикот на косовската фирма Елкос груп Рамиз Келеменди, беше соопштено дека до крајот на месецов ќе бидат издадени сите градежни дозволи, по што косовската компанија ќе може да ја започне изградбата на новиот трговски центар во Штип.
Пред една година на лицитација Келеменди купи околу 5000 квадратни метри градежно земјиште со цел изградба на нов трговски центар. Денешната средба имаше цел да утврди до каде се работите околу издавање на градежната дозвола, со цел започнување на градежни зафати на новиот трговски центар.
“Според информациите од службите, до 31-ви јули ќе бидат издадени сите градежни одобренија. Тоа значи дека од идниот месец, Елкос груп веќе може да започне со градба. Штип ќе добие нов трговски центар, на одлична локација која ќе го заокружи целиот комплекс во населбата Сењак. Имено, таму веќе се гради станбен објект, изградени се и социјални згради, а наскоро, спроти локацијата за трговскиот центар, ќе се градат мултифункционални и повеќенаменски спортски терени од Агенцијата за млади и спорт. Тоа значи дека ќе имаме заокружен простор со секакви содржини, а самиот трговски центар ќе вработи околу 100 штипјани. Наша определба е да бидеме брзи и функционални секогаш кога има инвеститор кој сака да гради и да отвора нови работни места”, изјави по средбата градоначалникот Захариев.
Келеменди најави дека штом ќе се добијат одобренијата, во рок од три месеци ќе биде изграден новиот трговски центар.
Елкос груп има трговски центри во Косово, во Албанија и во Црна Гора, а сега започнува со позиционирање и во Македонија. Освен Штип, планира инвестиции и во други градови во државава. На средбата присуствуваше и амбасадорот на Македонија во Косово, Стојан Карајанов.