Костадиновски: Дијаспората, преку портфолио инвестиции може да помогне во просперитетот на Македонија

70

Инвестирањето во Македонија може да биде профитабилно и наградено бидејќи македонскиот финансиски систем претрпе значителни трансформации во последните три децении и ги има сите потребни алатки и институции со кои инвеститорите можат да остварат капитални добивки, користејќи го потенцијалот на земјата. Ова го пренесе Коста Костадиновски, директор на Капитал Ассет Менаџмент, пред македонските иселеници на првиот симпозиум во организација на Обединетата Македонска Дијаспора во Скопје.

„Вие, како припадници на македонската дијаспора, имате единствена позиција да придонесете за економскиот раст и развој на нашата сакана татковина. Прво, македонската економија е на постојан пат на раст и диверзификација. Со својата стратешка локација и политичка стабилност Македонија стана атрактивна дестинација за домашни и меѓународни инвеститори. Во Македонија има  висококвалитетни компании кои се тргуваат на Македонската берза како и компании кои имаат традиција од 70-80 години. Правната инфраструктура е поставена во сите области на финансискиот систем, како Комисијата за хартии од вредност, која врши надзор над Берзата, Централниот депозитар за хартии од вредност, брокерски куќи и инвестициските фондови. Исто така, постојат регулатори за осигурителниот бизнис, пензиските фондови и банкарството. При формирањето и создавањето на оваа инфраструктура државата се водеше во согласност со насоките и стандардите на ЕУ за овие области и моментално инфрастуктурата речиси целосно одговара на стандардите на ЕУ”, рече Костадиновски.

Тој потенцираше дека Македонска берза е основана како логична последица на процесот на приватизација. „Практично најголем дел од котираните компании се компании со историја од над 70-80 години. Постои берзански индекс наречен МБИ 10 кој се состои од 10-те најликвидни акции на Берзата. Најголемиот број компании кои котираат на берзата со текот на годините го развиваат својот бизнис и имаат пораст на приходите, нето добивките и дивидендите. Јас сум во овој бизнис на управување со средства на берзите 20-тина години и од оваа позиција може да потврдам дека оваа земја и регионот обезбедуваат профитабилни можности за инвестирање. Овиеп азари не се покриени од западните мејнстрим банкарски институции бидејќи обемот на тргување не е доволен за нив. Но, овој пазар е привлечен за инвеститори од помал обем”, порача Костадиновски.

Тој ги покани членовите на ОМД да инвестираат во македонските компании и да придонесат за социо-економскиот развој на нашата татковина. „Со инвестирање во македонски компании го поддржувате нивниот раст. А вашите инвестиции имаат потенцијал позитивно да влијаат на сограѓаните Македонци и да ги зацврстат врските меѓу дијаспората и татковината. Со внимателен избор и долгорочна перспектива, македонските компании можат да понудат платформа за учество за искусни и за нови инвеститори. Ние, како Капитал Ассет Менаџмент, обезбедуваме услуги за управување со средства работејќи со водечките финансиски институции и сме подготвени да го споделиме нашето знаење и експерти за во оваа област за да се искористи инвестицискиот потенцијал на нашата берза”, вели Костадиновски.

ОМД го организира овој симпозиум за информирање, отворена комуникација и поврзување на државата сом акедонската дијаспора и промоција на потенцијалите за студирање, инвестирање и пензионирање.