Ковачевски: До крајот на 2022 МФ ќе спроведе реформа во буџетското сметководство, од готовинско преминуваме на пресметковно начело

59

Силни, ефективни и отчетни институции во јавниот сектор се клучни за воспоставување стабилно економско опкружување и одржлив раст, што се покажа и во услови на пандемија од Ковид 19. Оттука основната цел на водење на буџетското сметководство и буџетското известување е круцијално за управување со буџетот и постигнување финансиска одговорност при изготвување и донесување на деловните политики и одлуки, односно урамнотежено буџетско трошење од реално расположливите средства.

Ова го истакна заменик-министерот за финансии Димитар Ковачевски кој се обрати на ИПСАС Обуката за сметководителите во јавниот сектор организирана од страна на ЦЕФ – Центарот за извонредност на финансисиите, што се одржа денеска во Охрид.

Тој најави дека Министерството за финансии до крајот на 2022 година,  планира да спроведе  реформа во  областа на буџетското сметководство во насока на замена на „готовинското начело“, со таканараченото „модифицирано пресметковно начело“.

„Согласно „модифицирано пресметковно начело“ расходите ќе се евидентираат во моментот на настанување на деловниот настан во извештајниот период, а не во моментот на плаќање, а приходите и понатаму ќе се признаваат во моментот на наплатата. Овој концепт на евиденција ќе овозможи пореално и поажурно следење на неподмирените обврски кај буџетските корисници. Ова начело ќе го имплементираме во системот на државниот трезор преку имплементацијата на новиот Информациски систем за управување со финансиите“, рече Ковачевски.

Оцени дека сметководителите во јавниот сектор имаат важна улога во секојдневната работа и процесите на донесување одлуки на институциите, имајќи предвид дека тие снимаат, известуваат, надгледуваат и ги корегираат државните финансии и обезбедуваат клучни инпути за проценка на финансиските текови и донесувањето на  одлуки.

„Денес не е можно да се замисли работењето на јавниот сектор и остварувањето на неговите функции, активности и задачи, без квалитетни сметководствени информации. Затоа често се истакнува дека сметководството е деловен јазик и сите кои заземаат значајна улога во деловните процеси  на јавниот сектор треба да го разбираат тој јазик. Сметководството, финансиското известување и обелоденувањето на сметководствените информации се битни претпоставки  на добрата пракса на финансиското управување во јавниот сектор, рече заменик-министерот за финансии.

Тој посочи дека токму ваквите обуки се од суштинско значење да се разберат ИПСАС стандардите во процесот на напуштање на готовинското начело на водење на буџетското сметководство и преоѓање кон пресметковното начело и додаде дека во 2022 година е планирана реформа на сметководствената професија која ќе опфати воведување задолжителна обука и полагање испит за вршење сметководствени работи во јавниот сектор.

Обуката и испитот за сметководителите во јавниот сектор во организација на ЦЕФ се единствени од овој вид кои се организираат во РСМ и се со висок квалитет. Министерството за финансии, очекува соработката со CEF да продолжи во областа на обуката и сертификацијата на сметководителите, како и во процесот на подготовките за спроведување национална сертификација на сметководителите од јавниот сектор во рамки на Академија за јавни финансии.