Ковачевски за годинава најавува раст на домашното производство на струја за 20%

82

Генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски, во своето новогодишно обраќање истакна дека зад нас оставaме исклучително тешка година на енергетски план, а за 2023 година најави раст на производството на струја за околу 20%.

„Планот за 2023 година е да се зголеми производството на електрична енергија за околу 20 проценти споредено со лани. Успеваме да ги ставиме во функција сите домашни производствени капацитети на електрична енергија, а со тоа се намалува зависноста од набавка на скапа струја. Домашното производство е најевтино и затоа го зголемуваме“, истакна директорот на АД ЕСМ.

Според него, изминатиот период компанијата покажала дека со добро менаџирање може да обезбедат доволно количини на јаглен, мазут и природен гас, а смета дека компанијата добро се справила и со предизвикот за обезбедување парно за Градот Скопје.

Притоа истакна дека и покрај кризата, се прават инвестициите во обновливи извори на енергија. Ја спомена првата државна фотонапонска електрана во Осломеј, како и подготовките за нови фотонапонски електрани во РЕК Битола, Тиквеш, Маврово и други локации.

„Се зголемува и капацитетот на Ветерниот парк во Богданци, а се подготвува и нов ветерен парк во Миравци. Во тек е третата фаза за ревитализација на хидропотенцијалот, а се очекува и успешна постапка за стратешки важната хидроелектрана Чебрен. Енергетската транзиција е во тек и засилено ќе ја продолжиме. Мора да се грижиме за нашето здравје, за здрава и чиста животна средина“, подвлече директорот на АД ЕСМ.

Енергетската криза измината година беше поттикната од руската воена инвазија во Украина, што доведе со стравување од можен недостиг на струја, паралелно со нејзино големо поскапување на светските берзи. Како што истакна Ковачевски, лани се ставијаа во функција сите домашни капацитети, па имавме зголемено домашно производство струја за 27 проценти, во споредба со претходната година.