КОВИД-19 да биде признаено како професионално заболување за сите работни места

245

Македонското здружение за заштита при работа (МЗЗПР) апелира на национално ниво да се иницира ревизија на Проценките на ризик на сите работни места каде што има опасност од заразување на вработени лица со новиот корона вирус. Исто така, професионалното заболување КОВИД-19, настанато од новиот корона вирус, треба да биде признаено за сите работни места и усогласено во Правилникот за листата на професионални болести.

Во Правилникот за листата на професионални болести објавен во Сл. Весник на СРМ, број 118 од 7 мај 2020 година, во точка 408 во листата на професионални болести предизвикани од новиот корона вирус се опфатени „лекарите и другиот медицински персонал, ветеринарскиот персонал и другиот помошен персонал вработен во болници, лекувалиште, амбуланти и други здравствени организации во врска со негата на луѓето или во врска со работата на секцирање на трупови или со заразни материјали, работи што ги врши персоналот на научно-медицински лаборатории при работа со заразни материјали и персоналот при работа за сузбивање и научно-истражување на заразни болести“.

МЗЗПР ја поздравува одлуката за дефинирање на КОВИД-19 како професионално заболување во нашата земја. Но, со ваквиот пристап се занемарува Законот за безбедност и здравје при работа и се дискриминираат останатите работници кои работат на други професии заради тоа што, иако аргументирано можат да бидат заразени од новиот корона вирус на работното место и да ја развијат КОВИД-19 болеста, истата нема да им биде признаена како професионално заболување.

Важно е исто така да се истакне дека со воведувањето на професионално заболување КОВИД-19, признаено без исклучок за сите работни места, на сите заболени вработени ќе им следуваат следните законски можности:

  1. Да имаат можност во полн износ (100%) од платата да им биде исплатена за време на периодот на заздравување (потребно е да се земе предвид дека при боледување кое не е признаено како професионална болест, можно е исплатената плата да биде помала и до 30%);
  2. Отсуството од работното место да биде заведено како „професионално заболување”, а со тоа, во понатамошниот работен век, доколку се појават одредени компликации, истите да може да се утврдат од каде потекнуваат и да се придонесе за превенција, но и работникот да може да ги користи бенефитите на системот за лекување на последиците;
  3. По враќањето на работното место, вработените е неопходно веднаш да бидат упатени на насочени медицински прегледи, а со тоа да биде утврдена нивната преостаната работна способност. Ова е исклучително важно за секој од нив индивидуално доколку се јават одредени ограничувања во можностите за нивно целосно исполнување на работните задачи, а со првенствена цел да се заштити здравјето, интегритетот на работникот, како и работното место.

За остварување на оваа цел, која во време на корона криза е од огромна важност за секој вработен, МЗЗПР писмено се обрати до Владата, Министерството за труд и социјална политика, како и до Министерството за здравство.

Фото: Pixabay