Министрите за финансии на 17 земји членки на еврозоната ноќеска на вонреден состанок во Брисел го потврдија договорот на тројката меѓународни кредитори и Кипар за програмата за помош на оваа земја во висина од 10 милијарди евра.
Со постигнатиот договор, со кој Кипар избегна колапс на банкарскиот систем, се предвидува затворање на втората најголема кипарска банка Лаики, а депозитите помали од 100.000 евра ќе бидат пренесени во Банката на Кипар и би се создала т.н. “добра банка”. Депозитите над 100.000 евра би биле замрзнати и би се користеле за решавање на долгови. На депозитите во кипарските банки нема да им се наметнуваат никакви даноци. Клучниот проблем во спорот бил како Кипар ќе собере 5,8 милијарди евра од својот банкарски систем за сопствено финансиско спасување и како ќе ги реструктуира и реши преголемите банки.
Договорот е постигнат по маратонски преговори меѓу кипарскиот претседател Никос Анастасиадис и челниците на Европската унија, Европската централна банка и Меѓународниот монетарен фонд.
Според европските дипломати, кипарскиот претседател, кој во Брисел беше префрлен со приватен авион изнајмен од Европската комисија, во преговорите се борел да го зачува деловниот модел на Кипар како offshore финансиски центар кој привлекува огромни суми на пари од богатите Руси и Британци.
Кипарските банки чуваат 68 милијарди евра во депозити, вклучувајќи 38 милијарди во депозити поголеми од 100.000 евра, што се огромни суми за остров со 1,1 милиони жители, кој никогаш не би можел сам да одржи толку голем финансиски систем.
Претходно кредиторите и одобрија помош од 10 милијарди евра на оваа островска земја за да го избегне банкротот, а еден од условите беше сите депозити во банките да бидат еднократно оданочени, и тоа поголемите од 100.000 евра со каматна стапка од 9,9%, а помалите депозити со стапка од 6,75%.
За стабилизација на финансиите на Кипар му се потребни околу 17 милијарди евра, а европскиот предлог прв пат во историјата навлезе во неотуѓивото право на приватна сопственост и побара од земјата со данок на штедни влогови да обезбеди уште 5,8 милијарди евра. Кипарскиот парламент го одби овој предлог.