Крајна цел е дипломираните студенти да се задржат тука – почнува програмата Млади менаџери и бизнис лидери

28

Претседателот Стево Пендаровски преку видео – врска се обрати пред учесниците на програмата Млади менаџери и бизнис лидери, којашто официјално почнува денеска, а се одржува под негово покровителство.

Претседателот Пендаровски порача дека се работи за млади луѓе кои ја заслужуваат и ќе ја оправдаат довербата, а на државата останува обврската да им овозможат услови на овие млади луѓе кои сакаат да останат во државата, да ја добијат првата шанса тука.

Програмата Млади менаџери и бизнис лидери се реализира преку соработка меѓу Кабинетот на Претседателот и Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Македонија. Во неа учествуваат дваесет млади луѓе и осум компании кои ги ставија на располагање своите капацитети за младите лица да имаат можност да стекнат нови, практични знаења. Во наредните два месеца програмата предвидува обуки за стратешко планирање и лидерски вештини, вебинари, подготовка на студија на случај и посета на различни сектори во рамки на компаниите..

“Крајната цел на сите нас е дипломираните студенти да ги задржиме тука и заради тоа треба да дадеме предност на квалитетот и професионалноста над импровизацијата и полтронството. Само на тој начин ќе спречиме емиграција на квалитетни и способни кадри“, рече Пендаровски.