Словенечката компанија Air Adriatic, во сопственост на Изер Растодер, ја купи пропаднатата авиокомпанија Adria Airways за 45.000 евра, пишува порталот ExYuaviation.
Растодер, кој е познат по увоз и продажба на банани и трговец со недвижнини, ја основаше Air Adriatic само неколку дена откако Adria Airways најави банкрот на крајот на септември минатата година.
Растодер претходно најави дека планира да го користи АОС сертификатот за авио оператор на приватниот авиопревозник и дека е во процес на набавка на два авиона. Но, бизнисменот кој е роден во Црна Гора, а во 1986-та година се пресели во Љубљана, исто така разгледувал и можност за воспоставување на нискобуџетен превозник со седиште во главниот град на Словенија.
На аукцијата за преземање на Adria Airways учествуваа три компании, меѓу кои беа Komforia, хрватска компанија регистрирана во Словенија, и Dial.Aero, новооснована компанија во сопственост на поранешниот пилот на Adria Airways, Дејан Слодеј. Сите платија по 4.500 евра за учество во аукцијата, а и покрај популарниот предлог на руски инвеститори за повторно обновување на Adria Airways, тие не учествуваа во аукцијата.
Имотот на поранешната компанија е продаден во целина, а го вклучува АОС сертификатот, како и различни дозволи и прирачници. Сертификатот на Аdria Airways беше суспендиран до 30-ти септември 2020 година, но ќе биде вратен откако ќе бидат исполнети одредени обврски кон Агенцијата за цивилна авијација на Словенија.
Компанијата на Растодер, исто така, ќе мора да преземе и бројни обврски.
Фото: Facebook