Кредити од ЕБОР за конкурентност и енергетска ефикасност

28

evraЕвропската банка за обнова и развој (ЕБОР), преку две кредитни линии, одвои шест милиони евра за зголемување на конкурентноста и енергетската ефикасност, а истите ќе бидат пласирани преку НЛБ Тутунска банка.

Средствата се обезбедени преку Програмата за финансирање на одржлива енергија и Програмата за поддршка на приватниот сектор во Западен Балкан.

Максималната сума на кредитот за енергетска ефикасност што еден корисник може да ја користи е два милиони евра, додека за проектите за зголемување на конкуретноста изнесува еден милион евра.

Станува збор за поволни кредити што можат да се користита за пет години со грејс период од максимум две години, а се предвидуваат и стимулации доколку компаниите успешно го реализираат проектот.

„Имајќи предвид дека и двете кредитни линии нудат покрај поволните каматни услови, исплата на неповратни грантови во форма на стимулации во корист на крајните корисници и бесплатна техничка помош, очекуваме дека ќе има зголемен интерес меѓу компаниите и успешна крајна реализација на проектите“, рече Ѓорѓи Јанчевски, претседател на Управниот одбор на НЛБ Тутунска бака.

Претставничката на Канцеларијата на ЕБОР во Македонија, Анка Јоана Јонеску оцени дека Македонија има висок претприемачки потенцијал и дека целта на ЕБОР е да ја поддржи трансформацијата на тој потенцијал во одржлив бизнис.

„Малите и средни претпријатија претставуваат основа на македонската економија, но пристапот до финансии и понатаму претставува предизвик. За нас поддршката за малите и средните претпријатија претставува приоритет со цел да се промовира одржлив развој, да се подобри конкуретноста и да се намалат енергетските трошоци“, рече Јонеску.

Од 1993-та година до денес ЕБОР има потпишано над 80 проекти во вредност од 1,1 милијарди евра во Македонија.