Кристалина Георгиева е реизбрана за извршен директор на ММФ

14

Извршниот одбор на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ја избра Кристалина Георгиева за извршен директор на таа глобална финансиска институција за нов петгодишен мандат.

Георгиева, која беше единствениот кандидат за функцијата, ќе продолжи да ја врши директорската функција и по завршувањето на нејзиниот досегашен мандат на 30 септември годинава, соопшти ММФ.

Одлуката на Извршниот одбор е донесена со консензус.

„Длабоко сум благодарна за довербата и поддршката на Извршниот одбор на Фондот, кој ги претставува нашите 190 членови, и чест ми е да продолжам да го водам ММФ како извршен директор“, рече Георгиева.

„Со нетрпение очекувам да продолжам да му служам на нашето членство, заедно со високо професионалниот и посветен персонал на ММФ“, додаде таа.

Георгиева, 70-годишна Бугарка, го води ММФ од 2019 година.

За време на нејзиниот мандат, ММФ им помагаше на земјите кои се соочија со финансиски тешкотии за време на пандемијата на коронавирус и последиците предизвикани од руската инвазија на Украина, особено во Европа.