Кристијан Постолов и Филип Богдановски, победници на LLPA Battle, ќе ја претставуваат Македонија на Microsoft Ignite 2017

3

unnamed

Семос Едукација, единствениот Microsoft GoldPartnerforLearningSolutions во Македонија повторно понуди интересен предизвик за сите IT професионалци и програмери во Македонија! Семос Едукација и оваа година организираше натпревар како дел од интернационалниот LLPA натпревар за избор на најдобриот програмер и IT професионалец во Македонија. Кристијан Постолов и Филип Богдановски ќе се натпреваруваат во големото финале со финалисти од 18 земји од регионот на Европа, Средниот Исток и Африка. Двајцата победници од големото финале како награда ќе присуствуваат на најголемата светска IT конференција Microsoft Ignite 2017 со покриени трошоци за котизација, превоз и сместување.

Над 100 IT професионалци и IT програмери од Македонија учествуваа на натпреварот. Тие одговараа на два посебни теста од по 20 прашања кои се одговараа за 5 минути. Двајцата победници, едниот IT професионалец и другиот IT програмер беа избрани на принцип најмногу точни одговори за најкратко време.

“Сакам квизови, тестови и натпревари. Сум учествувал на многу светски, регионални и национални натпреварувања. LLPA тестот беше на високо ниво и бараше познавање на голем број програмски области. Програмирањето е мое хоби, а се надевам и моја идна професија. Очекувам дека достојно ќе ја претставам Македонија на EMEA финалето”, појасни Кристијан Постолов, студент на ФИНКИ.

“Мотивот за учество на натпреварот беше да го тестирам своето знаење и да си ја пробам среќата. Бев пријатно изненаден кога од Семос Едукација ме известија дека сум победник на натпреварот. Ќе се потрудам на 29 септември да го дадам најдоброто од себе“, изјави Филип Богдановски, студент на SEEU.

Освен можност да ја освојат престижната награда за учество на Microsoft Ignite 2017, најдобрите македонски IT професионалец и IT програмер добиваат бесплатен Microsoft курс по избор во Семос Едукација.

LLPA (Leading Learning Partner Association) е здружение на 28-те најдобри тренинг центри од ЕМЕА (Европа, Среден Исток и Африка) регионот. Семос Едукација е горд член на мрежата на најголемите тренинг центри, кој во ова здружение ја претставува Македонија под уставно име.