Krka урива рекорди во продажбата

46
Словенечкиот фармацевтски гигант Krka оствари рекордни приходи од продажбата во првиот квартал од годината во висина од 338,3 милиони евра, пишува SeeBiz.
Со тоа е зголемена и чистата добивка на компанијата за цели 16%, и се искачи на 49,4 милиони евра. Најголемиот дел од продажбата е остварен надвор од Словенија, каде е забележано зголемување од 10%.
Источна Европа и понатаму останува најголемиот потрошувач на производите на Krka, со раст од 4% и севкупно за првиот квартал изнесува 106,2 милиони евра. И во Русија продажбата порасна за 1%, искачувајќи се на 74,5 милиони евра, нагорен тренд има и на останатите пазари во источна Европа, како и средна Азија.
Во регионот на средна Европа, којшто го сочинуваат земјите од Вишеградската група и прибалтичките држави, продажбата пораснала за 6% и изнесува 36,5 милиони евра, а единствено минимален пад е забележан на унгарскиот пазар.
Најголемите пазари на Krka во западна Европа се Германија, Франција и Шпанија, а во првиот квартал продажбата е зголемена за 3% и изнесува 74 милиони евра. Сепак, клучните пазари на словенечкиот фармацевтски бренд се земјите од југоисточна Европа, каде што по остварените резултати највисоко котираат Хрватска и Романија. Тука продажбата во првиот квартал е зголемена за 14% и изнесува 44,2 милиони евра.