Наскоро започнува собирањето на понуди за приватизација на Кроација осигурување и Хрватска поштенска банка (ХПБ), најави хрватскиот министер за финансии Славко Линиќ.
“Веќе напредувавме во работата на консултантите за приватизацијата и кон крајот на овој месец или почетокот на мај ќе објавиме јавен повик за собирање на понуди и веруваме дека успешно ќе ги приватизираме ХПБ и Кроација осигурување”, изјави Линиќ.
Неофицијално, од продажбата на уделите во двете фирми, државата очекува 263 милиони евра, пишува Јутарњи лист.
Како потенцијален купувач на ХПБ претходно во хрватската јавност се споменуваше Европската банка за обнова и развој. Но, приказните за влегување на ЕБРД во сопственичката структура на ХПБ стивнаа последните месеци, а како нови кандидати за преземање на најголемата државна банка испливаа пензиските фондови. Како можни купувачи се споменуваа и руската Сбербанк и турската Кентбанк кои веќе работат на хрватскиот пазар.
И за Кроација осигурување се споменуваа неколку купувачи. Најзвучни од нив е Адрис група од Ровињ, но како заинтересирани се споменуваа и словенечко Триглав осигурување и полскиот осигурувач ПЗУ.